Дерби со различни приоритети: „Романтичарите“ за бегство од дното, Вардар гледа кон врвот

Работнички и Вардар во нова градска пресметка ќе го отворат 12.коло од Првата фудбалска лига. Двете екипи имаат различни приоритети во моментот, „романтичарите“ со грижи како да излезат од кризата и да побегнат од дното на табелата, а вардарци гледаат кон врвот и се надеваат на нов успех.

Без расфрлање со изјави пред денешниот меч, и двата табори се подготвуваат за новото првенствено искушение. Работнички се надева дека промената на тренерската позиција ќе донесе позитивен ефект, откако Марјан Андрески загуби на дебито на Чаир. Велат дека се максимално мотивирани и фокусирани за добар натпревар, а бодовите им се и повеќе од потребни.

Во Вардар бодовно е многу помирно, но младиот состав на Александар Васоски со добрите игри и резултати, и посебно бодовната разлика во однос на Шкендија која послабо го стартуваше шампионатот, си наметна и шампионска трка. Сега „црвено-црните“ на секој меч имаат и дополнителен „товар“, да победат за и понатаму да ги гледаат останатите од врвот.

Останатите натпревари од 12.коло ќе се играат утре, а се среќаваат: Силекс – Струга Трим Лум, Ренова – Шкупи, Македонија ЃП – Шкендија, Борец – Академија Пандев.

Се вчитува...