Дерби во Битола: Продолжување на аеродромската рапсодија или победа на Пелистер по 530 денови?

Третото коло од Првата кошаркаска лига ќе биде комплетирано денеска во салата „Боро Чурлевски“ во Битола каде од 18 часот и 30 минути силите ќе си ги одмерат минатогодишните финалисти Пелистер и МЗТ Скопје.

Натпреварот на колото ни доаѓа само по неколку дена откако овие два тима се сретнаа во АБА2 лигата. На тој натпревар МЗТ Скопје ја имаше контролата во најголемиот дел од натпреварот и на крилја на Војдан Стојановски запиша навидум лесна победа, но овој пат работите се променети.

Во оваа средба Пелистер влегува со две нови засилувања, репрезентативецот Андреј Магдевски кој во „зелено-белиот“ дрес ќе дебитира токму против својот последен тим во мак-баскетот како и Стефан Мијовиќ кој е добро познат на тренерот Радуловиќ од времето поминато во унгарското првенство.

„МЗТ Скопје има ростер кој што ако не е најквалитетен, е еден од најквалитетните два во Македонија со неверојатно искуство кое го имаат особено Дамјан, Војдан и Бојан. Се сретнавме пред само неколку денови во АБА2 каде што издоминираа во одредени ситуации, поготово во одбраната каде не ни дозволија да бидеме на ниво на кое што сакаме.

Беа поостри, поагресивни и динамични и ние мора да возвратиме кај нас. Сега имаме и поширок ростер и ќе мора да бидеме поагресивни и помобилни за да ги совладаме.

Верувам во овој тим, тоа го кажав уште на почетокот кога дојдов тука. Тимот има одлична хомогена атмосфера. Сега и со двете нови засилувања уште подобро изгледа. Треба само да го најдеме нашиот ритам и ќе влеземе во серија на победи“, изјави Дарко Радуловиќ.


„Играме повторно со Пелистер откако се сретнавме во АБА2, меѓутоа сега не очекува поинаков натпревар на кој ќе играат со две нови засилувања и на домашен терен. Имаме тешка задача и доколку сакаме да дојдеме до победа мора да одиграме максимално фокусирано и агресивно во одбраната и трпеливо во нападот“, изјави Бојан Крстевски.

МЗТ Скопје не знае за пораз од битолчани на последните седум меѓусебени средби во мак-баскетот. Последната радост на Пелистер беше пред 530 денови во финалната серија во сезоната 2021/22 па ќе биде интересно да видиме дали овој пат „зелено-белите“ предводени од поранешниот тренер на аеродромци ќе ја имаат потребната формула за два бода.

Се вчитува...