Дерби за престиж во Аеродром

Претпоследното коло од втората фаза во македонското кошаркарско првенство, деветто коло од Суперлигата е под знакот на дерби дуелот меѓу големите ривали и претенденти за шампионскиот пехар, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Дуелот за лидерот на првенствената табела е пред се престиж и обид за триумф на теренот на големиот конкурент додека за актуелниот шампион, средбата може да донесе потврда на втората позиција на конечната табела пред влезот во разигрувањето за титулата.

„Сакам да видам напредок, да видам тим што се бори 40 минути за секоја топка и во нападот и во одбраната. На последниот меч со Работнички игравме добро речиси цел меч, но најважно од се е да не играме 30 или 35 минути, туку во текот на целиот натпревар. Работнички е многу искусна екипа, воиграна бидејќи речиси сите играчи се тука од самиот старт на сезоната и ќе знае да го казни секој наш пад во концентрацијата. Грешките мора да бидат сведени на минимум, ќе сториме се за да стигнеме до победата. Во последните две кола забележавме победи, имаме напредок, но во однос на она што јас како тренер го очекувам – агресивноста во одбраната не е на нивото на кое треба да биде. Играчите мора да веруваат дека можат да одиграат 40 минути со полна пареа во дефанзива, тоа ќе ни донесе уште подобри резултати“ – изјавува тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.

Полуфиналните двојки во разигрувањето за титулата во домашниот кошаркарски шампионат се познати веќе извесно време, а се чини се расчистува и последната дилема која требаше да се кристализира по двете завршни рудни од суперлигашкот дел на сезоната. Работнички како неприкосновен лидер, од првата позиција на табелата вкрстува со четвртопласираниот Куманово. Уште претходно беше јасно дека бранителот на трофејот, МЗТ Скопје Аеродром ќе се соочи во полуфинална серија со Блокотехна, но непознато беше која од одвие две екипи ќе ја има предноста на домашен терен. Сепак, Блокотехна му ја олесни работата на првакот со оглед на вчерашниот пораз од Кумановово мечот од 9.коло во Суперлигата.

По ваквиот исход, МЗТ Скопје дури и со пораз денеска во дербито со Работнички, ќе ја задржи втората позиција, особено и поради тоа што во завршното коло, скопскиот тим ќе игра против Охрид, во меч во кој го има апсолутниот фаворитски статус, додека Блокотехна ќе се бори против Работнички. Во ваква ситуација МЗТ денеска ќе влезе во дуелот со градскиот ривал. Ако забележи победа, МЗТ уште денеска ќе ја потврди втората позиција. Работнички секако ќе направи се да продолжи победничката серија што сезонава ја има во дуелите со градскиот ривал.

Она што е најважно за мене е да биде празник на кошарката, бидејќи реално постојат сите предуслови за такво нешто, мечот нема резултатско значење во пресрет на плејофот, па и двете екипи ќе можат без притисок да го дадат својот максимум. Ова е прва средба што и едните и другите ќе ја играме без оптоварување. Очекувам убава кошаркарска претстава, јасно е дека победите над МЗТ ни се слатки исто како и за нив оние против Работнички, мотивација сигурно нема да недостига“ – истакна предводникот на Работнички, Марин Докузовски.

Во досега одиграните три првенствени дуели сезонава, Работнички беше поуспешен од МЗТ Скопје додека тимот од „Јане Сандански“ ја доби пресметката за куп – трофејот.

Се вчитува...