Дерби-натпреварот од второто коло од ракометниот плејоф меѓу Металург и Работник ќе се игра на 4 април во салата „Автокоманда“, беше одлучено на денешниот состанок на клубовите кои се дел од плеј-офот.
Состанокот се одржа по хаосот со термините и одложувањата во првите две кола поради учествата на Вардар и на Работник во европските купови. Дуелот меѓу Металург и Работник требаше да се игра претстојниот викенд, но мораше да биде одложен поради гостувањето на битолскиот клуб во Унгарија за последниот меч од ЕХФ-купот.
На крајот, беше постигнат договор оваа средба да се игра на 4 април, а целото трето коло да биде поместено за викендот потоа (6/7 април).
Воедно, постигнат е договор во натамошниот дел од плејофот клубовите да му излезат во пресрет на Вардар со евентуални нови одложувања во термините за одигрување на четвртфиналните натпревари од Лигата на шампионите.
„Црвено-црните“ важат за суперфаворити во трката за домашната титула, а битката за второто место би требало да се води токму Металург и Работник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА