Дерби натпреварот од првото коло во македонското првенство меѓу МЗТ Скопје и Карпош соколи ќе биде одложен за неколку дена и највеорјатно ќе се игра наредната среда. Причина за ваквото поместување на терминот е обврската на МЗТ за настап во АБА-лигата. „Металците“ в понеделник ќе го играат дуелот на домашен терен против Задар, а бидејќи салата во СЦ „Јане Сандански“ е зафатена за петок со настапот на ЖРК Вардар во ЛШ, за актуелниот шампион е подобро пресметката со вицепрвакот да биде по дуелот со Задар, отколку 48 часа пред таа средба.
Комесарот за натпреварување веќе предложил новиот термин на одигрување да биде 12 октомври (среда) и се очекува истиот да биде прифатен. Со оглед на фактот дека МЗТ Скопје своите средби од АБА најчесто ќе ги игра во текот на викендите, се очекува речиси сите натпревари на „металците“ во првиот дел од македонскиот шампионат да се играат во вторник, среда или четврток.
Само за потсетување, во преостанатите средби од првото коло од елитното кошаркарско друштво ќе се сретнат Куманово – Работнички, Кожув – Блокотехна, Пелистер – Шкупи и Фени индустри – Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА