Дербито наместо супер фудбал, донесе здодевна „нула“

Англија и САД ремизираа без голови во дерби дуелот на денешната програма од СП во Катар. Иако се очекуваше овој меч да донесе посериозни возбудувања, пред се поради ефикасниот настап на Англичаните на премиерата со Иран, овојпат изостанаа поголеми возбудувања, а мрежите на голманот Тарнер и Пикфорд мируваа во текот на сите 90 минути.

Првата шанса на мечот ја имаше Хари Кејн, кој беше одлично проигран со повратна топка во срцето на шеснаестникот, но неговиот удар беше изблокиран и исфрлен во корнер. Американците потоа ја презедоа контролата, создавајќи и две убави шанси, првата кога Мекени шутираше над гредата и онаа втората кога „бомбата“ на Пулишиќ заврши само во гредата од голот на Пикфорд. Маунт се закани пред крајот на полувремето, но американскиот голман умешно интервенираше и ја исфрли топката во корнер.

Вториот дел наместо кулминација на возбудувањата, донесе уште поздодевен фудбал во кој двете селекции повеќе размислуваа за чување на сопствената мрежа, отколку за загрозување на противничкиот гол, па затоа овој натпревар заврши со најнепопуларните 0-0.

Англија останува првопласирана во групата со четири бода, три има Иран, два САД, додека Велс е последен со еден бод. Во последното коло силите ќе ги одмерат Англија – Велс и САД – Иран.

Се вчитува...