Дербито под лупа: Судиите не треба да се алиби на МЗТ Скопје

Минаа нешто помалку од 24 часа од фантастичниот дуел меѓу МЗТ Скопје и Работнички, а на домаќините најверојатно се уште не им е јасно како можеа да загубат меч што го имаа во раце, со еден поен предност и напад на помалку од 20 секунди до крајот. Салата со 4.000 фанови, одлична атмосфера со ситни инциденти, гостинот без капитенот… на крајот се се покажа попусто, кога „сино-белите“ како и многу пати претходно во текот на сезоната потклекнаа во последната минута, па сега се наоѓаат на работ на амбисот – на само еден пораз од губење на тронот на македонската кошарка.

МЗТ Скопје

Тренерот Кочов бараше дисциплина во играта во текот на сите 40 минути, а се случи спротивното, „металците“ имаа премногу осцилации, на моменти во нападот, во периоди и во одбраната. Штета е бидејќи Бојан Трајковски одигра одличен меч, Дамјан беше на ниво се до последната четвртина (повторно без поени), публиката им даваше крила во речиси цел натпревар… и на крај се покажа недоволно.

Најлесно е вината да се посочи кон Дамјан поради она погрешно додавање при последниот напад, но и самиот Кочов сега сигурно е свесен дека некои работи требаше да ги направи поинаку. Лалиќ беше одличен на првиот меч, но синоќа не беше стартер, одигра само 15 минути и делуваше надвор од ритам. Згора на тоа, МЗТ упорно играше со четири ниски играчи и Трајковски иако три од четирите центри на противникот (Еванс, Николовски и Крстевски) имаа по четири лични грешки. Лалиќ (па можеби и Спасојевиќ, кој воопшто не влезе во игра) сигурно ќе знаеше да ја искористи оваа ситуација, но наместо присуство во рекетот МЗТ Скопје се реши за шутеви од далечина (вкупно 6/28 за тројка), што на крај не се покажа како добитна комбинација.

Работнички

Марин Докузовски веројатно ни самиот не е свесен како успеа да излезе како победник од овој натпревар. Без Мираковски како оружје, со Караџовски далеку под нивото од Куманово (24 минути, 4 поени, 1/6 шут од поле и пет загубени топки), со Николовски во слаба форма и Чековски кој повторно беше далеку од доминантен во рекетот…

Странците повторно беа во главна улога, Робинсон и Костов погодуваа во клучни моменти, а клучниот удар го зададе Гинјард со слободни фрлања на една секунда до крајот. „Докторот“ сепак го најде рецептот за успех, а веднаш потоа искусно порача – МЗТ може да се врати и затоа нема простор за еуфорија. „Ништо не е готово“ – свесен е Докузовски дека евентуално опуштање и пораз во „Градски парк“ в петок може да му даде крилја на противникот.

Судиски одлуки

Најлесно е кога ќе се загуби вината да се побара кај судиите, особено кога ќе има одлука за прекршок на една секунда до крајот. Факт е дека арбитрите можеа и мораа многу подобро да се носат со ситуацијата, но МЗТ никако не треба да го бара алибито во судиското трио Митровски – Милојевиќ  – Давидов.

Да не заборавиме, на половина минута пред крајот имаше дискутабилна лична грешка во напад на Чековски, кој беше со двете раце во воздух, а свирчето се слушна поради неговата физичка надмоќ во однос на Нешовиќ, кој при контактот се испружи на теренот. Ако се навратиме имаше сомнителни одлуки и против едните и против другите, судиите севкупно гледано не беа на висина на овој кошаркарски празник, но никако не смеат да бидат посочени како главни виновници за поразот на домаќините.

Се вчитува...