Дербито со хуманитарен карактер: Пелистер и МЗТ ќе играат во чест на Зоран Петковски

Лидерот Пелистер ќе го пречека актуелниот шампион МЗТ Скопје во големото дерби на шестото коло од кошаркарската Супер-лига, а битолчани донесоа овој дуел да биде од хуманитарен карактер, а сите собрани средства да бидат уплатени на семејството на Зоран Петковски, легендарниот битолски кошаркар и тренер кој почина кон крајот на минатиот месец.

„Пелистер има перфектни 5-0 од стартот на домашното првенство, серија што сакаме да ја продолжиме и на претстојното дерби со МЗТ Скопје (сабота, 20 часот, сала „Боро Чурлевски“).

Овој меч нашите „зелено-бели“ ќе го играат во чест на клупската легенда Зоран Петковски, кој неочекувано почина минатиот месец. Петковски беше и останува дел од историјата на КК Пелистер, а управата одлучи сите приходи од продадените влезници да бидат уплатени на семејството на „Петкото“.

Билетите по цена од 150 денари ќе можат да се набават во „Зикс“ и на билетарницата во салата „Боро Чурлевски“.

Пелистер против МЗТ Скопје, двете поранешни екипи на Петковски, в сабота ќе играат во чест на битолската кошаркарска легенда.

Бидете и вие дел од овој настан со хуманитарен карактер“, објавија од КК Пелистер.

Се вчитува...