Најголемото македонско кошаркарско дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички, се чини, ги оправда очекувањата на домашните љубители на кошарката ако се суди според изданието на двата тима на паркетот. Низ максимално интересен натпревар, со повеќе од доволна агресија и желба за надигрување, пресврт и тензии, на крај славеше шампионот МЗТ Скопје со 75-63.
А, натпреварот воопшто не почна согласно посакувањата за домашните. Работнички низ одлична прва четвртина дојде до предност од 17-26. Гостите предност ја чуваа и во вториот период од играта, но се чини од ритам ги исфрли прекинот на дуелот на три минути пред крајот на првото полувреме, кога поради употреба на пиротехнички средства судиите побараа навивачката група на Работнички да биде отстранета од „Јане Сандански“.
Работнички на полувремето замина со предност од 42-44, но вториот дел комплетно им припадна на „металците“ кои најпрво го добија третиот период со 18-12 за пресврт, а потоа и убедливо во последната четвртина за заслужена победа, на крај и убедливо со 75-63.
Војдан Стојановски со 20 поени го предводеше МЗТ до триумфот, а Крстевски мечот го заврши со 14 поени. Едвин заврши со 12 поени, а Маслинко реализираше 11 поени дополнети и со 9 скока, останувајќи само на еден скок од „дабл-дабл“. Кај Работнички одличен беше Стојан Ѓуровски со 18 поени, 8 асистенции и четири скока, но недоволен сам да парира на противниците, а Шошкиќ мечот го заврши со 13 постигнати поени.
МЗТ Скопје сега, по 14 натпревари, е со десет победи и само четири пораз на делба на лидерската позиција на табелата заедно со екипата на ТФТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА













































