Дербито ТФТ – МЗТ Скопје ќе се игра во Гевгелија

Новата рунда од кошаркарската Супер-лигата почнува утре, а највозбудлив меч се очекува да биде оној меѓу водечките две екипи на табелата, ТФТ и МЗТ Скопје, што на програмата ќе биде в петок поради обврските на МЗТ и вечерашниот меч на аеродромци во АБА2 лигата.

Она што е интересно, двете скопски екипи клучниот меч за првото место во Супер-лигата ќе го играат во Гевгелија, и тоа во салата „Ноел“, в петок со почеток во 18 часот.

Преостанатите пет натпревари од ова коло на програмата се утре. Колото ќе го отворат екипите на Тиквеш и Ангели, натпревар во кој екипата од Кавадарци е голем фаворит, и има убава можност да ја продолжи серијата на успешни игри од почетокот на календарската 2026 година.

Од 18.30 часот, во салата „Младост“, Гостивар ќе го дочека тимот на Чаир 2030, во обиде да дојде до триумф со кој ќе ја продолжат битката за опстанок во друштвото на најдобрите. Од друга страна пак, чаирчани бараат нов успех со кој би го задржале актуелниот „статус“ на табелата (делба на шестата позиција со екипата на Кожув).

Три средби се предвидени да стартуваат во ист термин – 19.часот. По долго време, екипата на Работнички ќе одигра еден официјален „дома“, односно во салата „Градски парк“. А за прв противник во реновираното здание „црвено-белите“ ја имаат екипата на Маџари. Во исто време, но во Гевгелија, во салата „26.април“ ќе се сретнат екипите на Кожув и Феникс 2010, а во Битола, Пелистер ќе ја дочека екипата на МКК Куманово.

Се вчитува...