Дербито во Скопје: Пресметка на одлични стратези, врвни индивидуалци, две слични фудбалски „матрици“!

Дербито од 23. коло во Првата македонска фудбалска лига денеска од 14 часот се игра на „Телеком арената“. Работнички го пречекува Силекс во пресметката на двајца одлични фудбалски стратези, на одлични индивидуалци и на двете страни на две фудбалски „матрици“ кои безмалку слично функционираат оваа сезона на прволигашката сцена.

„Романтичарите“ по претходната победа над Пелистер со огромен мотив сега го очекуваат дуелот со Силекс. Шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски се надева дека неговиот тим, како и против Пелистер, ќе одговори соодветно и на претстојниот предизвик.

„Ова е многу специфичен меч, на кој очекувам тимот да одговори на предизвикот. Нема да влијае тука ниту традицијата, туку едноставно желбата да се стигне до бодовите. Треба да одиграме на високо ниво, како и претходниот меч со Пелистер во Охрид, и во таков случај можеме да се надеваме на позитивен исход. Секако, играме на домашен терен, ќе се обидеме тоа да го искористиме,  но исто така и имаме максимален респект за противникот“вели Треневски.

Тренерот на Силекс, Жикица Тасевски, кого пак го врзуваат убави спомени и за Работнички, вели дека има максимален респект за клубот од Дебар Маало, но очекува добар натпревар на својот тим и позитивен резултат.

„Максимален респект за Работнички. Тоа е клуб во кој сум минал убави моменти, но сега сум тренер на Силекс и секако дека професионално и јас и моите фудбалери ќе го дадеме својот максимум за да избориме позитивен пласман. Ова е важен натпревар за двете екипи, ќе го решаваат нијанси, а се надевам дека на крајот ние ќе се радуваме“ – истакнува Тасевски.

ПМФЛ – 23. КОЛО (14 часот)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР

Тетово: РЕНОВА – ПЕЛИСТЕР

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА

Прилеп: ПОБЕДА – ШКУПИ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС

Се вчитува...