Еурофарм Пелистер славеше на денешниот дерби дуел со Вардар со резултат 29-25, но битолчани не успеаја да ја достигнат негативата од осум гола што ја бркаа по поразот на првиот меч во Скопје. „Пелистерци“ настапија без повредените Мараш и Мандалиниќ, повреда за време на дербито заработи и Велковски, но и со такви кадровски промени успеаја да го скршат отпорот на големиот ривал и во голема битка да стигнат до триумф над „црвено-црните“
Хендави одлично го почна мечот со четири интервенции во првите шест минути, но „пелистерци“ не беа расположени во нападот, да го казнат бавниот старт на Вардар, поведувајќи само со 2-1 со двата гола на Стјепановиќ. По исклучувањето на Дисингер, искусниот Кукоски украде топка и погоди во празната мрежа за 4-2 за Еурофарм Пелистер, по што разликата неколку минути се движеше меѓу еден и два гола за домаќините. Битолчани пропуштија два напади за „плус три“ при водство од 7-5, но продолжија да го контролираат резултатот и со контранападот на Мартин Велковски поведоа со 10-7, резултат при кој Стевче Алушовски го побара првиот тајмаут на натпреварот. Вардар дојде до 10-9, но Пелистер со нова мини-серија поведе со 13-10, резултат при кој битолчани одиграа брзоплето во нападот, не користејќи одлична можност за „плус четири“. Бабиќ побара тајмаут при 13-11, но наместо Еурофарм да стигне до поубедливо водство, домаќините не искористија два напади, па по голот на Дибиров на одмор се замина со водство на домашниот тим од 13-12.
Вардар подобро го отвори второто полувреме, па преку Дибиров и Јотиќ поведе со 13-14, прво водство на „црвено-црните“ на овој дерби-дуел. Немоќта во нападот на „пелистерци“ беше се поголема, па Бабиќ побара тајмаут при негатива од 14-17 во обид да најде лек за одбраната на „црвено-црните“ на чело на Борко Ристовски. Следеше експресно будење и израмнување на 18-18, по што Алушовски го побара својот прв тајмаут во полувремето. Советите на вродија со плод, битолчани продолжија со фуриозна игра предводени од расположениот голман Хендави, па со двата гола во низа на Радовиќ тимот на Еурофарм Пелистер во 46. минута поведе со 22-18.
Серијата од девет минути без постигнат гол на Вардар конечно ја прекина Гоце Георгиевски со погодок од контранапад. „Пелистерци“ стигнаа до најубедливи „плус пет“ (24-19), но сепак немаа сили за целосен камбек и достигнување на оние „минус осум“ од првиот меч во Скопје.
Најдобри поединци во таборот на победникот беа Радовиќ и Периќ со по седум гола, додека кај поразените Тимур Дибиров заврши со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА