Оклахома Сити по голема битка излезе како победник од големото дерби со Детроит (114-110), во дуелот на најдобрите тимови од Западната и од Источната конференција. Детроит настапи без дури петмина стандардни првотимци, но и со таков состав пистонси одлично му парираа на актуелниот првак, па овој егал-меч мораше да биде решен во продолжение. Таму продолжи да блеска Шеј Гилџус Александер, канадскиот поентер броеше до 47 на овој меч и му ја донесе значајната победа на својот тим, кој останува со предност во однос на Сан Антонио во трката за првото место во Западната конференција.
Серијата добри игри ја продолжи и ЛА Лејкерс со рутинскиот триумф над Вашингтон од 120-101, дуел на кој тренерот Редик не можеше да смета на услугите на Лука Дончиќ. Словенецот мораше да одлежи суспензија од еден меч поради акумулирани технички грешки, но „езерџиите“ се погрижија победата воопшто да не биде доведена во прашање. Леброн Џејмс ги предводеше стрелците со 21 поен, по 19 за победничкиот тим имаат Кенард и Хејс, а најефикасен кај Вашингтон беше Рајли со 20 поени, додека Тристан Вукчевиќ реализираше 14 поени.
Победничката серија на Бостон беше запрена во Атланта, каде селтикси беа поразени со 112-102, дуел што го реши фуриозната трета четвртина на домашниот тим (36-22). На Бостон не му помогнаа ниту 29-те поени на Браун, Атланта одигра максимално колективно (шест играчи завршија со двоцифрен ефект) и беше предводена од Џонсон и Оконгву со по 20 поени.
Резултати НБА:
Мајами – Филаделфија 119-109, Атланта – Бостон 112-102, Мемфис – Феникс 105-131, Сан Антонио – Чикаго 129-114, Далас – Минесота 94-124, Јута – Кливленд 113-122, Оклахома Сити – Детроит 114-110 (по прод.), ЛА Лејкерс – Вашингтон 120-101.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

