Кливленд кавалирс доведе огромно засилување откако актуелниот вицешампион на НБА-лигата потпиша договор со Дерек Роуз. Одличниот бек, кој беше избран за МВП на лигата во 2011 година, доаѓа како слободен агент по истекот на договорот со Њујорк никс.
Роуз ја прифати понудата за едногодишен договор со Кливленд за вредност од 2,1 милион долари, иако имаше далеку попримамливи финансиски понуди од ЛА лејкерс и од уште неколку заинтересирани клубови. Сепак, желбата на 28-годишниот ас да игра крај Леброн Џејмс и да се обиде да стигне до шампионски прстен беше пресудна за овој кошаркар да го избере токму Кливленд за своја следна дестинација.
Одличниот плејмејкер би можел да биде и достојна замена за Кајри Ирвинг, доколку олстар-бекот остане на својот став што поскоро да си замине од Кливленд откако јасно стави до знаење дека не сака повеќе да настапува крај Леброн Џејмс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА