Македонската кошаркарска репрезентација до 15 години на пријателските натпревари кои беа одиграни во СЦ „Ибар“ во Краљево испиша историја откако во вториот меч славеше над репрезентацијата на Србија со што стана првата репрезентација која успеала да ги совлада „Орлите“ во младинските конкуренции.
Избраниците на Денис Дервишевиќ беа блиску и до победа во првиот контролен меч, меѓутоа Србија славеше со 71-70 благодарение на поени на три секунди пред крајот на натпреварот. Нашите момци повторно се прикажаа во одлично светло во вториот дуел во кој и покрај опструкциите успеаја да го совладаат силниот противник со 81-80.
„Целта на овој двомеч во Краљево беше да видиме до каде сме со овие генерации. Да ги согледаме нашите предности и недостатоци и оттаму да развиеме стратегија за во иднина. Имавме кус период за припрема пред патувањето во Србија, меѓутоа дадовме се од себе на тренинзите и на крајот може да бидеме среќни што успеавме да испишеме историја. Пресреќен сум што успеавме да направиме одлична тимска хемија и тоа можеше да се види на паркетот. Ни недостасуваа играчи, но горд сум што оние кои го облекоа националниот дрес дадоа 110%, а тоа се отслика со два одлични натпревари“, изјави за ЕКИПА, Денис Дервишевиќ.
Селекторот Дервишевиќ во оваа селекција гледа потенцијал за поголеми нешта, но како што вели, добрата работа не смее да запре тука.
„Тешко е да се каже како ќе се одвиваат работите во иднина. Треба да се оди чекор по чекор, но верувам дека овие момци имаат потенцијал за уште поголеми нешта. Испишувањето на историја за Македонија нека им биде мотив повеќе, но во ниеден случај не смеат да запрат тука. Потребно е добра работа со овие играчи и во годините кои следат доколку сакаме да ги видиме во право светло. Во оваа прилика сакам и да им се заблагодарам на помошните тренери Дамјан Саздов, Мартин Мојсоски, физиотерапевката Бојана Петреска и Горан Ѓорѓиевски за целиот придонес кој го имаа за успехот на оваа селекција“, додава селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА