Дервишевиќ: Времето е пред овој тим на Феникс

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија титулата во Суперкупот „Драган Василов Цевка“ откако вечерва во СРЦ „Кале“ славеа над финалистот од купот од минатата сезона Феникс со убедливи 76-54.

Тренерот на поразениот во финалето Феникс, Денис Дервишевиќ вели дека брзоплетоста била клучна за поразот на неговиот тим.

„Најпрво, би сакал да му честитам на МЗТ Скопје за победата, заслужено победија во мечот и го освоија Суперкупот. Ние добро тргнавме во дуелот, меѓутоа во последните две минути од вториот квартал имавме брзоплети шутеви и МЗТ од минус четири го сврти мечот во своја корист. На полувреме говоревме да играме поагресивно во одбраната и подобро во нападот, меѓутоа не успеавме да одговориме, МЗТ Скопје замина на +15 и мечот веќе беше во нивна корист. Ние бевме дефицитарни на овој меч, игравме без нашиот најдобар играч Андреј Митревски, плус имаме нови играчи со кои треба да работиме уште на системот и да бидеме комплетни. Времето е пред нас, во првото коло нè чека Чаир, одиме и во ФИБА Европа Купот и се надевам дека ќе бидеме на повисоко ниво“, изјави Дервишевиќ. 

Се вчитува...