Ненад Димитријевиќ и Хувентуд претрпеа пораз од Барселона (96-92) на почетокот од завршниот турнир од АЦБ-лигата што денеска стартува во Валенсија. Дванаесетте најдобри екипи го почнуваат разигрувањето за титулата поделени во две групи, Хувентуд на стартот се сретна со големиот фаворит, а згора на тоа тимот на Димитријевиќ беше значително ослабен поради неиграњето на Клемен Препелич.
Барселона тргна фуриозно и по само неколку минути игра големиот фаворит поведе со 16-2. Хувентуд успеа да се врати, до крајот на четвртината да намали на 21-17, а потоа на почетокот од вториот дел и да израмни на 21-21, но Барса успеа повторно да наметне ритам и да ја преземе контролата над играта и резултатот. Следеше нова серија на Барселона со која каталонскиот гигант стигна до двоцифрена предност, што во текот на третата четвртина изнесуваше и „плус деветнаесет“.
Хувентуд одигра извонредно во последната четвртина, во неколку ситуации успевајќи да се приближи на само пет поени разлика, а потоа благодарение на одличниот Морган на 28 секунди до крајот резултатот гласеше 92-90 за Барселона. Сепак, тимот од Бадалона одигра почетнички при клучниот напад на противникот, Барса рутински го реши зонскиот пресинг на Хувентуд, па Абрињес со забивање го реши прашањето на победникот на овој натпревар.
Македонскиот репрезентативец немаше свој ден, постигна 10 поени (4/11 шут од поле), со четири асистенции, но и дури седум загубени топки. Морган беше најефикасен кај Хувентуд со 21 поен, додека најдобри стрелци во таборот на Барселона беа Миротиќ со 14 и Клавер со 12 поени.
Покрај Хувентуд и Барселона, дел од оваа група се и екипите на Уникаха, Тенерифе, Билбао и Басконија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА