Карпош соколи вечерва славеше над Задар со резултат 85-79, за своја десетта победа сезонава во АБА-лигата и заокружување на одличните игри на домашен терен во последните неколку месеци. Иако имаа големи осцилации во играта во текот на сите 40 минути, избраниците на Драган Николиќ одговорија на предизвикот кога беше најзначајно, па со мирна рака во последните пет минути го свртеа резултатот во своја полза и стигнаа до заслужен триумф.
Мечот почна со „фестивал на тројки“ на двете страни, но штом шутот престана да ги служи „соколите“, гостите експресно се одлепија, па од 9-8 резултатот набрзина гласеше 9-17. Николиќ зеде тајмаут, но гостите од Хрватска набрзина дојдоа и до двоцифрена предност (12-22). Во игра влезе Зековиќ, кој со седум поени во низа ја врати самодовербата во играта во напад на македонскиот претставник, но резервниот центар набрзина заработи три лични грешки, па мораше да биде заменет. „Соколите“ во 13. минута стигнаа до израмнување 29-29, по што до крајот на полувремето се играше „егал“, па на одмор се замина со резултат 41-41.
Задар беше тимот што го контролираше резултатот во третата четвртина, гостите стигнаа максимум до пет поени предност (51-56), за во последните десет минути да се влезе со предност од три поени за Задар (57-60). И двата тима нервозно ја почнаа четвртата четвртина, промашувајќи по неколку шутеви пред Зековиќ со тројка да израмни на 60-60. На средината од четвртината имаше судиски превид кога по недосудено очигледно двојно водење на топката гостите не само што реализираа, туку и судиите му покажаа техничка грешка на тренерот Николиќ, давајќи им нов напад на хрватските кошаркари.
Задар го искористи тоа за да поведе со 66-70, но Карпош соколи одговори со пет поени во низа на Пери и Пенов (тројка) за ново водство). Македонскиот претставник потоа имаше и 76-71, но Брзоја со тројка внесе неизвесност во последните едве минути од средбата.Трајковски блесна во клучните моменти реализирајќи два напади, но македонскиот репрезентативец потоа ја заработи својата петта лична грешка при резултат 80-74 на 74 секунди до крајот. Гостите стигнаа до „минус три“, но „соколите“ одолеаја на притисокот во финишот и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Кендрик Пери беше најефикасен кај македонскиот состав со 26 поени, пред Зековиќ со 17 и Лабовиќ со 16, додека Бојан Трајковски ја заврши средбата со 12 поени, пет скока и две украдени топки.
Карпош соколи во последното коло од АБА-лигата в петок ќе му гостува на тимот на Мега лекс, но без оглед на исходот на оваа средба дебитантот во регионалното натпреварување може да биде горд на своето издание сезонава, пред се во вториот дел, по доаѓањето на Драган Николиќ на клупата на местото на Матиќ, кој не забележа ниту еден единствен триумф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА