Фудбалските стратези од година во година се повеќе ја креваат цената на своите услуги, особено ако успеат да реализираат ангажман на азискиот континент. Иако најдобрите фудбалски умови се стремат кон тоа да водат европски гигант, но при тоа да извлечат што е можно подобри финансиски услови, има и такви кои се преплатени за својата функција, па затоа на топ 10 листата речиси да доминираат тренерите кои работат во Кина.
Можеби е изненадување, но најплатен тренер во светот е Марчело Липи, селекторот на Кина, кој има годишна заработка од 20 милиони евра. По Липи, следува предводникот на Манчестер сити, Пеп Гвардила со плата 17.3 милиони евра по сезона. Португалскиот стратег Жозе Мурињо е трет најплатен во светот, а од Манчестер јунајтед добива по 16.9 милиони евра на годишно ниво.
Следува Фабио Канаваро, екс-дефанзивецот на Јувентус и Реал Мадрид, ги предводи Гвангжу Евергранде кои за тоа му исплаќаат по 12 милиони евра. Арсен Венгер (Арсенал), Мануел Пелегрини (Хебеи фортун) и Фабио Капело (Жиангсу сунинг) имаат идентична заработка од 10 милиони евра годишно.
Oсмото место на листата го завзема Драган Стојковиќ – Пикси, српската легенда го предводи Гвангжу РФ и при тоа на негова сметка стигаат осум милиони евра годишно, Јирген Клоп во Ливерпул заработува 7.9 милиони евра, а листата ја комплетира Антонио Конте со годишна заработка од 7.3 милиони евра предводејќи ги Челси.
Некои ја заслужуваат својата плата, во континуитет носат успеси каде и да работат, некои пак се потпираат на стара слава, но повеќето се преплатени. На пример, Канаваро, Пикси и и Пелегрини речиси да немаат никакво одличје со клубовите во кои работат, а заработуваат повеќе од Зидан, Емери, Алегри, Симеоне, Клоп, Конте…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА