Изминатава година во македонскиот спорт понуди и серија „битки“ меѓу поединци и колективи, ставови и контра-ставови, изјави и размислувања кои силно одекнаа во домашната спортска јавност.
Ние ви ги издвојуваме највпечатливите изјави од 2016 година поврзани со македонскиот спорт, во главна улога на Стоилов, Пандев, Антиќ, Наумоски, Вујовиќ, Раца, Ѓорѓиоски, Лазаров, Милевски и Ристовски.
ДЕСЕТТЕ НАЈВПЕЧАТЛИВИ ИЗЈАВИ ВО 2016 ГОДИНА…
* Стојанче Стоилов: Игравме како пи.ки!
„Се што градевме изминативе пет години, падна во вода. Игравме ко пички. Вака не се бранат боите на Македонија“ – изјави пикерот Стојанче Стоилов по болниот пораз од Тунис и пропуштената шанса за пласман на нашата ракометна репрезентација на Олимписките игри во Рио Де Жанеиро.
* Веселин Вујовиќ: Јас со Самсоненко веднаш би се отерал ’у пи.ку матер’
„Многу луѓе слушам зборуваат дека Веселин Вујовиќ не би можел да биде тренер во Вардар поради својот карактер, затоа што не би го работел тоа што ќе му каже Самсоненко… Па, луѓе мои, секако дека никогаш не би дозволил да ми кажува што да работам човек кој никогаш не играл ракомет, кој не го знае обемот на топката и димензиите не теренот… Знаете ли дека Европа се смееше кога виде, во тој еден период, дека Самсоненко е тренер на Вардар. Јас имам една своја девиза: ’Подобро да умрам на нозе, отколку да живеам на колена’. Па, може ли да ме замислите мене и Самсоненко заедно? Да ми крои тактика, или од трибини да ми диригира кој играч да го ставам во игра. Па, јас веднаш на тој човек би му рекол ’мрш у пи.ку матер’…“ – ќе рече поранешниот стратег на РК Вардар, Веселин Вујовиќ во интервјуто за ЕКИПА искажувајќи став околу можна соработка со Сергеј Самсоненко.
* Драган Раца: Сите вие гледате кошарка на поинаков начин…
„Видете, вие сега поставувате некои прашања. Морам да ви кажам, сите вие гледате кошарка на поинаков начин, публиката и новинарите, од нас кои работиме во кошарката. Кога ќе внесам играч на теренот, јас го гледам дали ќе го фати потребниот ритам“ – рече поранешниот кошаркарски селектор Драган Раца по катастрофалните изданија на македонската селекција во квалификациите за ЕП.
* Илчо Наумоски: За Вардар нема иднина со Седлоски и шпионите околу него
„За Вардар нема иднина со Гоце Седлоски и сите шпиони околу него. А, кои се тие шпиони кои само му штетат на клубот а гледајќи ги само своите лични интереси, фудбалската јавност и навивачите на клубот многу добро знаат. Додека не се исчисти тоа Вардар никогаш нема да успее да биде европски клуб. Верувајте ми затоа што многу добро сум запознаен со состојбите во клубот“ – изјави поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Илчо Наумоски во интервјуто за ЕКИПА.
* Перо Антиќ: Добро ги подели медалите на шампионите Полате!
„Баш вака се средува се во нашата кошарка. Дечкото верува во македонската кошарка и македонските тренери и поради тоа донесе големи стручњаци од САД да ги среди младите… Циркусот продолжува, а клубовите молчат и унијата на играчите (ако има таква) поддржуваат ваква забава! Кога сте БИП БИП БИП нека си играат мајтап со вас. Не ви чинеа Мерџан, Даниел и Лекиќ! Епа сега уживајте во модерниот кикирику на Полат Намики! (спасителот на македонската кошарка). Можда ќе го има државниот авион пак ако му се свитка зглобот, ама не знам дали знае дека е расипан. Нема бегање од идиотизмот кој го прави. Купувам 100 карти за премиерата на неговиот прв филм, само ако не се веќе продадени на политичкиот врв! Сепак и Дирк, Паркер, Гасол исто би направиле за ваква премиера. ПС: Добро ги подели медалите на шампионите Полате, како и ти доликува. Што би рекол мојот брат Веле, срамота! Добро утро на сите! Пеки спие, ќе му кажат утре што да одговори“ – напиша Антиќ на својот фејсбук профил, во еден од серијата коментари за начинот на кој Петар Наумоски ја води МКФ.
* Илчо Ѓорѓиоски: Истрошени фудбалски работници не критикуваат сеејќи лаги и магла
„Изминатиов период се појави група “Обединети за фудбалот во Македонија” предводена од џелатот на еден од најомилените клубови во Македонија, Цементарница, и некои истрошени фудбалски работници кои изминативе 20 години делеа функции во фудбалот. Се појавија изминатиов период бројни соопштенија за сеење лаги и магла. И сакам да одговорам на нив. Избран сум на чело на ФФМ на регуларен начин на Собрание кое беше под надзор на УЕФА И ФИФА. Заработувам од фудбалот затоа што работам за фудбалот. Искрено и чесно. Да, на фудбалот сме му потребни сите, но без лаги и сеење магли. Доста македонскиот фудбал се напати од тоа!“ – изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, на Собранието на ФФМ, коментирајќи ги нападите од фудбалската опозиција.
* Кирил Лазаров: Ако загубиме човек како Мукаетов тоа ќе биде потоп за мак-ракометот
„Навистина сум изненаден од најавата за повлекување на Живко Мукаетов од претседателската функција на РФМ. Може слободно да кажам, дека ако Македонија, спортот и сите ние дозволиме да загубиме човек како Мукаетов тоа ќе биде потоп за ракометот. Долги години сум во репрезентацијата и во ракометот, и тврдам дека Македонија во спортот никогаш досега немала човек како првиот човек на федерацијата. Ако го загубиме, тогаш ќе загубиме многу верувајте“ – најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, по најавите за повлекување на Живко Мукаетов од претседателската функција на РФМ.
* Горан Пандев: Шокиран бев кога ме убедуваа да не играм за Македонија
„Јас се откажав од репрезентацијата, затоа што во последните пет-шест години околу репрезентацијата имаше многу луѓе кои негативно влијаеја на атмосферата во националниот тим. И до ден-денес тоа го прават… Ете, ако сакате поконкретно, Мирсад Јонуз беше присутен кај мене да го следи натпреварот Џенова – Наполи. Зборувавме отворено за репрезентацијата, и негов став беше дека не треба јас да се враќам да играм за репрезентацијата затоа што сега не е време, дека јас треба да бидам следен претседател на ФФМ. А, тоа мене никогаш не ми било, ниту ќе ми биде желба, затоа што јас не сакам да бидам претседател на ФФМ“ – ќе рече Горан Пандев соопштувајќи пред јавноста дека поранешниот македонски селектор и уште неколку лица го убедувале да не игра за Македонија.
* Благоја Милевски: Овие момци не се само херои, но веќе и феномени !
„Не знам што да кажам. Нема што да се прогласуваат, овие момци се херои, тие се феномени“ – селекторот на младата фудбалска репрезентација Благоја Милевски по историскиот пласман на ЕП 2017.
* Ристовски: Главниот проблем во македонската одбојка е Зоран Карановиќ
„Си заминав добро свесен за состојбите во македонската одбојка. Сакам да се знаат некои работи за времето што го минав како селектор. Сите кои се дел од репрезентацијата знаат во какви услови работевме, каква опрема носевме и во какви сали трениравме, за начинот на патување веќе сите се добро запознаени. Во одбојкарската федерација има луѓе кои искрено го сакаат овој спорт и затоа не сакав да реагирам претходно, но сега можам слободно да кажам дека главниот проблем е токму во оној што се дрзна да ме критикува мене како личност и како селектор – во Зоран Карановиќ“ – истакна поранешниот селектор на одбојкарската репрезентација Жарко Ристоски за ЕКИПА, посочувајќи го генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ како вистински виновник за тонењето на македонската одбојка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА