Дешамп: Бензема нема да се врати во репрезентацијата на Франција

Селекторот на фудбалската репрезентација на Франција, Дидие Дешамп, ги отстрани сите дилеми околу можноста Карим Бензема повторно да добие повик во националниот тим на „триколорите“ додека тој е на кормилото. Како што напомена, тоа дефинитивно нема да се случи, иако Бензема во неколку интервјуа истакна дека се надева на повик за настап на Светското првенство во Русија. Но, Дешамп не мисли така.

„Не сум ги читал интервјуата на Бензема затоа што ретко купувам весници. Секој играч е слободен да зборува што сака, многу од нив сакаат да бидат дел од репрезентацијата на Франција. Сепак, сите знаат какво мислење имам околу Бензема и нема да го променам. Тоа не е мој проблем, туку само одлука која води сметка за останатиот дел од екипата“, изјави Дешамп за француските медиуми.

Карим Бензема не доби повик ниту за претходното Европско првенство, а последен пат за селекцијата на „триколорите“ настапи пред две години кога постигна два гола против Ерменија (4-0) на пријателски натпревар.

Дешамп го отстрани Бензема од репрезентацијата по скандалот со соиграчот од националниот Матју Валбуена, на кого фудбалерот на Реал Мадрид сакаше да му изнуди пари со уцена со секс видео-лента.

 

Се вчитува...