Селекторот на Франција, Дидие Дешамп до следниот вторник ќе го објави прелиминарниот список на играчи што ќе ги предводи на Европското првенство, а според него, не треба да се очекуваат никакви изненадувања. Со ова, Дешамп ја затвори вратата за евентуален камбек на Карим Бензема, кој игра во животна форма, но тоа не може да ги оправда „гревовите од минатото“ на овој голгетер.
Францускиот селектор јасно стави до знаење дека нема да има никакви изненадувања, па на Европското првенство „триколорите“ ќе се појават со веќе проверен и стандарден тим.
„Јас не сум Дедо Мраз и не сум тука за да објавам изненадувања. Има некои играчи кои сè уште се опоравуваат, како Корентин Толисо, но јас ги немам сите потребни информации за нивната состојба. Списокот на фудбалери ќе го објавам во вторник, но бидејќи натпреварите сè уште се играат по тој датум, мора да се надевам дека сè ќе биде во ред, бидејќи, за жал, не можеме да го избегнеме неочекуваното. Единствениот список што ќе важи е оној што ќе го испратиме до УЕФА до 1 јуни на полноќ. На него нема да има преголеми изненадувања“, рече Дешамп.
Последниот натпревар за репрезентацијата на Франција, Бензема го одигра во 2015 година, а беше избркан од националниот тим поради секс афера. Станува збор за шестгодишен случај во кој напаѓачот на Реал Мадрид е обвинет дека е дел од групата која го уценувала неговиот репрезентативен колега Матиу Валбуена, барајќи му 150.000 евра за да не биде објавено секс-снимка од него.
За овој настан Карим ќе мора да се појави на суд во октомври. Доколку биде осуден, Бензема може да биде осуден и на затворска казна од пет години. Одличниот напаѓач оваа сезона постигна 28 голови и осум асистенции за Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА