Дешамп ќе го плати фијаското – Зидан седнува на клупата на Франција

Зинедин Зидан е подготвен веќе летово да седне на клупата на француската репрезентација, откако Дидие Дешамп се посрамоти со слабите игри и елиминацијата во осминафиналето од ЕВРО 2020 од аутсајдерот Швајцарија.

Дешамп долго време се мачеше да ја најде вистинската формација и да ги вклопи Бензема, Гризман и Мбапе, асот на Реал конечно проработе против Швајцарците, но селекторот на крајот плати за неограничената доверба во Килијан Мбапе. Голгетерот на ПСЖ одигра катастрофално во текот на сите 120 минути, промашувајќи бројни шанси, но Дешамп сепак го остави во игра, згора на тоа му го даде и последниот пенал за реализација. Мбапе потклекна кога беше најважно, Франција е елиминирана од ЕП, а вечерашниот дуел најверојатно ќе биде и последен за трофејниот стратег во неговата селекторска кариера.

Зидан веднаш по заминувањето од Реал Мадрид не криеше дека водењето на репрезентацијата би било идеално продолжување за неговата тренерска кариера, откако со „кралевите“ освои се што можеше да се освои. Челниците на федерацијата веќе немаат преголема доверба во Дешамп, кој пред три години ги искачи „триколорите“ на врвот на светскиот фудбал, а периодот кога Зизу е без клупски ангажман се чини како идеален за тренерска смена.

Јасно е, ова ќе бидат бурни денови во француската фудбалска јавност каде ќе се бара скалпот на селекторот, кој дефинитивно е меѓу главните виновници за ова фијаско на „галските петли“.

Се вчитува...