Македонските одбојкари веќе се наоѓаат во Тампење, каде ги одбојуваат последните денови до почетокот на ЕП и премиерниот дуел со Финска закажан за 1 септември.
Техничарот Филип Деспотовски ќе биде еден од лидерите на националниот тим, кој со своето искуство треба да даде значаен придонес за добри резултати во Тампере.
„Се спремаме два месеци и мораме да размислуваме позитивно, секој друг начин на размислување и подготовки би бил погрешен. Имаме поголемо искуство бидејќи ова ни е второ европско првенство, Финците ни се навистина добро познати и должници ни се од ЕП 2019. Тренираме напорно, за среќа немаме никакви повреди. Наша цел е, јас не велам да го повториме последниот успех бидејќи тогаш не се пласиравме во втората фаза, а наша желба е овојпат да ја минеме групата. На последното ЕП имавме две победи, но не тие две што требаа за осминафинале. Ајде сега да стигнеме до резултатите што ни се потребни за следната рунда“, истакнува Филип Деспотовски.
Според Деспотовски, искуството од првото ЕП во Љубљана и премиерниот пораз од Финска пред две години ќе бидат мотив повеќе.
„Тоа искуство од првиот меч со Финска во Љубљана, каде водевме во првиот сет до пред самиот крај, па загубивме и на крајот претрпевме пораз, тоа ќе биде од огромно значење. Свесни сме колку е важен овој прв меч, тогаш го игравме во грч, но со искуството што го поседуваме сега тоа треба да се надмине. Мораме да ја добиеме таа прва средба, за да се наполниме со самодовера и потоа да го тераме првенството како што треба“, порачува еден од најискусните во македонскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА