Македонската одбојкарска репрезентација на најдобар начин го почна настапот на Европското првенство кое се одржува во Скопје, со триумф од 3-1 против Данска со кој се отвора патот кон осминафиналето на шампионатот.
Нескриена беше радоста синоќа меѓу македонските репрезентативци, иако добар дел од нив и ја очекуваа оваа победа знаејќи ги сопствените квалитети и верувајќи во истите.
„Не знам што беа очекувањата на јавноста, но ова е се така нормално… Па, ние многу добро го знаеме нашиот квалитет и знаевме и верувавме дека ќе победиме. Триумфот над Данска е триумф на целиот тим“ – вели еден од најискусните во македонскиот состав, техничарот Филип Деспотовски.
„Ако лично се прашувам, мислам дека пресуди и тактиката која беше одлична, за разлика од онаа кога загубивме во финалето на Европската сребрена лига. Наште центри одиграа одличен меч, а потоа во клучните моменти и целиот тим. Сето тоа не однесе до посакуваниот триумф. Сега треба добро да се фокусираме кон дуелот со Црна Гора и да заокружиме нова победа“ – дополнува Деспотовски.
Македонија вториот натпревар во Групата Ц на Европското првенство против Црна Гора го игра во сабота (2. септември) од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА