Се уште трае потрагата по авионот во кој во понеделникот вечер од Нант за Кардиф се превезуваше аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала.
Англиските медиуми пренесуваат детали од целокупниот лет на малиот авион со еден пилот со кого контролата на летање загубил контакт на висина од 1524 метри. Тој во таа позиција последен пат побарал одобрение да се спушти на 700 метри, а последниот контакт е загубен веднаш потоа. Пред исчезнувањето пилотот не пријавил никаков проблем со леталото или било каква потешкотија.
Авионот исчезна над Ла Манш во британски води. Се работи за авион модел Малибу ПА-46 кој најпрво се мислеше дека е сопственост на претседателот на Кардиф, Винсент Тана, но од клубот последно информираат дека фудбалерот сам си го организирал летот.
Сала заедно со пилотот, двајцата полетале од Нант во 20:15 часот. Набрзо контактот со него го презел контролниот центар во Брест кој потоа го проследил до лондонската контрола, а од нивниот радар исчезнал во 21:30 часот.
Инаку, авионот успеал да полета дури по четвртиот обид во Нант. Стручни лица од областа на авиосообраќајот тврдат дека авионот никако не смеел да добие дозвола за полетување.
„Пипер Малибу е авион со еден мотор. Има капацитет за седум лица, но изненадување е што летот е организиран во ноќни услови со оглед на зимата во Европа. Тоа ви е како да летате по Антартикот на зима. На авион со таква големина лесно доаѓа до замрзнување во текот на летот кое го запира моторот. Претпоставуваме дека и тоа се случило. Временските услови сите ги знаеле и затоа одговорноста е на тие кои дале дозвола да се лета“ – велат стручни лица од Франција и од Велика Британија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА