Нова восхитувачка партија на „златните деца“ на Ливерпул и во осминафиналето од ФА Купот на Англија победувајќи го убедливо со 3-0, еден од најдобрите клубови од Чемпионшип-лигата, Саутемптон, за место во четвртфиналето на најпрестижното куп-натпреварување на Островот.
Без повредените дури 11 ѕвезди на Ливерпул, и буквално со безмалку целиот тим тинејџери, по освојувањето на Лига Купот и триумфот над Челси пред три дена, „детската градинка“ на Јирген Клоп дојде заслужено до победата и пласман во четвртфиналето и во ФА-Купот со головите на 18-годишните Кумас и Данс.
Ливерпул играше без повредените Салах, Нуњез, Арнолд, Диаго Жота, Алисон, Џоунс, Собослаи, Ендо, Матип, Тиаго, Бајчетиќ…. Но, според прикажаната игра на младите момчиња на „црвените“ како и воопшто да не недостасуваа.
Напротив, Кумас во 44. минута на асистенција на Кларк донесе предност од 1-0, а во вториот дел Данс кој влезе во игра на местото на Кумас постигна два гола за триумф од 3-0.
Во четвртфиналето на ФА Купот, Ливерпул ќе игра против Манчестер јунајтед во дуелот на двете најтрофејни екипи во Англија на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА