Денес, во Аеродром се одржа традиционалниот Детски мини-маратон. Оваа трка од 500 метри се организира пред самиот Виз Ер Скопски маратон како негов предвесник, со цел да се поттикнат најмалите од рана возраст да се впуштат во здравиот начин на живеење. Детски насмевки ја украсија патеката во Аеродром. Тие беа охрабрувани од нивните родители и најблиски кога започна забавниот натпревар.
Над 500 деца од основните училишта во Скопје трчаа за создавање на училишта без насилство. Партнер на Детскиот мини маратон е УНИЦЕФ чиј претставник, Бенџамин Перкс истакна „Со поддршката која им ја даваме на децата да спортуваат, ги учиме кон основните човекови вредности кои ќе ги водат низ животот создавајќи кај нив чувство на тимска игра, самодоверба и пожртвуваност.“
Најмалите оваа година беа изненадени од светската рекордерка Пола Редклиф. Сите беа пресреќни што ја имаа можноста да се запознаат со атлетичар од светски ранг кој додатно ги мотивираше да се впуштат во спортувањето и атлетиката. Редклиф пред најмалите порача, „Многу ми е драго што на овој прекрасен ден гледам толку многу среќни деца. Уживајте во овој спорт и продолжете да се борите да сте победници во сѐ што правите.“
Таа на Детскиот мини маратон најави дека поради тоа што во Скопје се нашла во прекрасна атмосфера таа спонтано одлучила да настапи на 5 километарската трка на Виз Ер Скопски маратон.
Организаторите на Виз Ер Скопски маратон ги потсетуваат уште еднаш сите оние кои не успеаја да се пријават како натпреварувачи, дека сѐ уште може да учествуваат во ова огромно спортско случување преку повиците за најдобар транспарент и најдобра фотографија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА