Македонската женска фудбалска репрезентација и наплати на Молдавија за ремито од пред три дена во Скопје, убедливо славејќи со 2-4 на денешното гостување во Кишињев во 4. коло од квалификациите за ЕП 2025 во Лигата Ц на УЕФА.
Уште од самиот старт на натпреварот избраничките на Александар Андов јасно дадоа до знаење дека овој пат не планираат неуспех против Молдавките, играјќи далеку подобар натпревар со успешна реализација на своите шанси.
Македонија поведе веќе во 2. минута со автоголот на Бодичеану. Откако домашните израмнија во 22. минута со голот на Табур, потоа следеше целосна доминација на македонските девојки до крајот на полувремето. Капитенот Наташа Андонова од пенал во 26. минута повторно донесе предност, а во 43. минута Андреевска зголеми на 1-3.
Во второто полувреме, Колник во 59. минута повторно намали на 2-3, за да Наташа Андонова со својот втор гол на мечот во 75. минута ги постави конечните 2-4.
По четири одиграни натпревари во Групата 2 од Ц Лигата, Македонија сега е на второто место со седум бода. На врвот е Словенија со максимални 12 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА