Девојките убедливо против Американките за крај на турнирот „Четири нации“ во Унгарија

Младинската женска репрезентација на Македонија убедливо триумфираше против соодветната селекција на САД со 36-17 на турнирот „Четири нации“ кој се одржува во унгарскиот град Дабас.

Избраничките на Јулијана Дамчевска, по претходните два порази, кога убедливо загубија од домаќинот со 44-18, како и од Холандија со 26-21, сега беа далеку подобри од Американките сосема заслужено славејќи со 19 гола разлика.

Првото полувреме Македонија го доби со 12-8, за да целосната доминација во вториот дел резултираше со конечни 36-17.

Овој турнир беше дел од подготовките за настапот на Европското првенство во Романија кое ќе се одржи од 6. до 16. јули во Романија. Македонија е во група со Данска, Чешка и Црна Гора.

Се вчитува...