Баер Леверкузен со многу среќа и нов гол во судиското продолжение успеа да стигне до триумф над Волфсбург од 4-3, но Гранит Џака реши гласно да проговори за проблемите што неговиот тим ги има од стартот на новата сезона.
Баер лани стигна до титулата без ниту еден претрпен пораз, но тимот на Чаби Алонсо игра променливо во првите натпревари од новиот шампионат, во кој веќе имаше и еден неуспех, губејќи дома од Лајпциг во меч во кој „фармацевтите“ имаа предност од 2-0.
„Не сакам да зборувам за голот во судиското продолжение што ни ја донесе победата… Да, среќни сме поради тоа, но време е да бидеме и искрени, самокритични, и да си признаеме дека ова што го играме не е доволно добро. Велиме дека сме топ-тим, а ни се случува на секој натпревар да примаме по три гола. И тоа какви голови примаме… не поради акции на противникот, туку затоа што ние грешиме“, жесток беше во критиките големиот борец на средината од теренот.
Тој јасно стави до знаење дека вината не треба да се бара кај тренерот Чаби Алонсо…
„Не е проблем тактиката, туку желбата, ставот на фудбалерите… дали сакаш повторно да го сториш истото, сега кога си стигнал до врвот. Одбраната е нешто во што учествуваат 11 фудбалери, не само двајца или тројца. Колективот беше наш заштитен знак лани, трчањето и затворањето на просторот, но веќе не го правиме истото“, искрен е Гранит Џака.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА