Македонската репрезентација утре го означува собирот за стартот на новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство 2024.
Македонија на 23. март во Скопје ја очекува пресметката со Малта, првиот натпревар во низ новите квалификации во кои селекцијата на Благоја Милевски е во исклучително силна група заедно со Англија, Италија, Украина и Малта.
„Среќни сме што после неколку месеци повторно се собираме со репрезентацијата на Македонија. Започнуваме нов квалификациски циклус и секако дека посакуваме победа над Малта и старт со три бода“ – вели еден од најдобрите македонски фудбалери Езгијан Алиоски пред утрешниот собир, и дополнува:
„За нас е исклучително важно успешно да ги започнеме квалификациите затоа што потоа ни следуваат многу посериозни натпревари во силната група со Англија, Италија и Украина. Посакувам сите да бидеме здрави и комплетни и верувам дека ќе го дадеме најдоброто од себе. Ќе се обидеме да одиграме одлични натпревари за успешни квалификации после историските резултати во последните години”.
Македонската селекција утре од 17 часот се собир во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а првиот тренинг е закажан од 19 часот на тренинг комплексот на Фудбалската федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА