Џанлука Вијали ја води најтешката животна битка

Поранешниот италијански фудбалер Џанлука Вијали (54) боледува од рак и изминатава година ја води најтежката битка во животот. Тој својата приказна ја раскажа во книга и се надева дека со својот пример ќе им помогне и ќе ги инспирира другите со ваквата борба.

„Најтешко ми беше да му соопштам на семејството, на родителите, браќата, сестрите, на сопругата Катрин и на нашите девојчиња Оливија и Софија. Сознанието дека имаш рак  ти носи и некакво чувство на срам, како да си сам виновен што си ја добил болеста. Сакав на луѓето и понатаму да им бидам Вијали каков што го познаваа, но тогаш се решив да ја раскажам својата приказна во книга“ – открива Вијали во интервјуто за „Кориере Дела Сера“.

Во книгата на Вијали има 99 приказни и 99 цитати кои го инспирираат во секојдневниот живот. Последната, во која пишува за борбата со ракот е автобиографска.

Вијали последните месеци ги поминал на хемотерапија и на зрачење и неговата здравствена состојба сега е подобра.

„Помина една година и сега физички повторно се чувствувам силен. Но, се уште со сигурност не можам да кажам како ќе заврши овој натпревар на крај. Се надевам дека мојата приказна ќе им послужи како инспирација на луѓето кои се наоѓаат на вакви животни крстосници. Сега управувам со сопствените мисли. Не е најважно да се победи, туку да се размислува како победник. Живот е составен 10 % од работите што ни се случуваат и 90% од тоа како се носиме со нив. Се надевам дека мојата приказна ќе им помогне на другите кои имаат проблеми. Би сакал некој да дојде и да ми каже „ти си причината поради која не се откажав“ – објаснува славниот фудбалер.

Џанлука Вијали кариерата ја почна во Кремонезе, а потоа преку Сампдорија стигна до Јувентус. Играчката кариера ја заврши во Челси, а во Лондон ја почна и тренерската кариера. После Челси, Вијали извесен период беше и на клупата на Ватфорд. За италијанската репрезентација одигра 59 натпревари.

Се вчитува...