Кристијан Киву упорно бара нов крилен офанзивец во Интер, а долгите преговори со Аталанта за Адебола Лукман засега не даваат резултат. Челниците на италијанскиот гигант стануваат исфрустрирани од ваквиот развој на настаните, па веќе почнаа да разгледуваат и други опции на пазарот, ладејќи го интересот за одличниот Нигериец.
Како што јавува „Газета дело спорт“, Интер е подготвен да почне преговори со Манчестер јунајтед за да го доведе во своите редови Џејдон Санчо. Овој фудбалер дојде како големо засилување но не ги оправда очекувањата, беше испраќан на позајмици во Борусија Дортмунд и во Челси, а Јунајтед сега сака целосно да го продаде и да се откачи од богатиот договор што е со важност од уште две години.
Јувентус преговараше интензивно за Санчо и успеа да ја спушти цената до 25 милиони евра, за која во Интер се убедени дека ќе успеат да го доведат Англичанецот на „Џузепе Меаца“. Станува збор за двојно пониска сума од она што Аталанта го бара за Лукман, па според „Газета“ се очекува преговорите да се интензивираат во наредните денови, се со цел што поскоро да биде доведен фудбалер по желбата на тренерот Киву.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

