Американскиот тенисер Џек Сок е убедливо најголемиот губитник во светот на тенисот во 2018 година и еден од четворицата во историјата со стрмоглав пад од Топ 10.
Сок ја почна сезоната како осми тенисер во светот, а ја заврши на 105.место на АТП листата со што влезе на вечната листа на најголемите лузери во белиот спорт.
Само три пати досега се случило некој тенисер да ја почне годината во Топ 10, а да ја заврши под 100.место. Тоа досега им се случило на Манчини во 1990 (10>127), Бругер во 1998 (8>132) и на Филипусис во 2004 (9>109). Станува збор за тенисери кои немале никакви проблеми со повреди, токму како што немаше ни Џек Сок во годинава што изминува. Кај сите нив причината за неверојатниот пад на АТП листата лежи исклучиво во формата и во други работи кои не се директно врзани за терен.
На три од четири гранслем турнири, Сок испадна во првото коло, а само на УС Опен стигна до вториот круг. Годинава тој не успеа да победи ниеден играч од првите 25, а губеше од петмина тенисери што се под 100.место на АТП. Најнеоќекуван од сите беше поразот од Даниел Брендс, 316.играч на АТП листата.
Но, интересно во случајот на Џек Сок е што тој сезонава игра успешно во конкуренција на двојки. Сок му се придружи на Мајк Брајан по повредата на неговиот брат Боб и стана еден од најдобрите играчи во светот во „дубл“. Сок и Брајан триумфираа на турнирот во Велс, на Вимблдон и на УС Опен.
Моментно Џек Сок е на четвртото место на листатат на играчи во двојки и тој податок делумно ја ублажува катастрофалната година што ја имаше Американецот во настапите во поединечна конкуренција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА