Ливерпул и Рома вечерва на „Енфилд“ од 20:45 часот го играат првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите. Два тима, интересни за медиумите пред меѓусебната пресметка и поради офанзивецот на „црвените“, Мохамед Салах кој во Ливерпул пристигна токму од редовите на ромската „волчица“.
Босанскиот репрезентативец Един Џеко потенцира пред мечот дека на Рома и тоа како и недостасува Салах, но не толку за да како тим не го елиминираат Ливерпул и се изборат за толку посакуваното финале во најквалитетното европско клупско натпреварување.
„За жал на сите нас во Рома тој не напушти, но од сегашен аспект се чини дека за него тоа беше одличен потег затоа што сега е најдобриот стрелец во Премиер лигата, што е извонредно постигнување. Среќен сум за него… Да, ни недостасува во тимот, но може да кажам и дека не толку за да, ете, и без него го елиминираме Ливерпул од полуфиналето. Има Рома квалитетен тим кој и досега покажа дека може до финалето во ЛШ. Ќе биде тежок двомеч, не верувам дека може да се повтори оној меч против Барселона но затоа тимскиот дух сигурно ќе не води до нов успех“ – вели Џеко пред вечерашниот дуел на „Енфилд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА