Екипата на Барселона максимално го искористи вчерашното реми на мадридското дерби помеѓу Реал и Атлетико, и со триумф вечерва во Севиља со 1-4, им се доближи на ривалите за титулата во шпанската Ла Лига.
Каталонскиот тим по серија од две ремија на гостински терен, дојде до победата во најважен момент, за да им се доближи на конкурентите на два бода од Реал Мадрид, односно еден од Атлетико, со што битката за титулата во Ла Лига станува уште поинтересна.
А, мечот во Севиља го „отвори“ Левандовски со гол во 7. минута. Само неколку секунди подоцна Севиља преку Варгас израмни.
Надежите дека домашниот тим може да стигне до победа ги згаснаа двата брзи гола на Барса на почетокот на вториот дел. Фермин Лопез во 46. минута донесе нова предност за Каталонците, за во 55. минута Рафиња со одличен гол зголеми на 1-3.
Трошка надеж беше директниот црвен картон на Лопез во 60. минута, но наместо враќање на Севиља, Ерик Гарсија постигнува гол и ја запечатува победата на Барселона во 89. минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА