Поранешниот фудбалер на Шкендија, Џелил Асани повторно се враќа во македонскиот фудбал по својата интернационална кариера сега потпишувајќи за екипата на Шкупи.
28-годишниот Асани, според најавите, се очекува и официјално да биде промовиран како прво засилување за чаирчани за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Асани минатива три сезони ги мина во Албанија, настапувајќи за екипите на Ерзен и Влазнија. Претходно настапуваше за Младост Какањ и Рудар Приједор во БиХ, за белорускиот Торпедо, а една сезона беше и во МЛС лигата во САД, во екипата на Питсбург. На домашната сцена покрај за матичниот Влазрими Кичево, како и тетовска Шкендија има и настапи за Металург Скопје.
Шкупи го очекуваат сериозни промени за новата сезона. Од тимот досега заминаа дури 11 првотимци од минатата сезона, Ефремов, Шеџи, Воша, Дуду, Виктор, Младеновски, Трапановски, Додев, Гуџуфи, Тошевски и Илијески.
Тимот, под водство на стратегот Ернест Ѓока, во моментов е на подготовки во Турција, каде ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА