Кошаркарите на Пелистер вечерва ќе му гостуваат на Кожув во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во Првата лига.
„Пелистерци“ без оглед на исходот на овој дуел ќе ја завршат Супер-лигата како третопласирани, но тоа не значи дека без мотив ќе патуваат во Гевгелија. Пред се, желба на сите во тимот е да се реваншираат за неочекуваниот пораз во Битола во првиот круг од натпреварувањето. Покрај тоа, „зелено-белите“ се решени да ги остават зад себе разочарувањата од претходните две средби со ТФТ и со Тиквеш и со добра игра да ја вратат победничката хемија во тимот во пресрет на доигрувањето.
Американецот Брендан Џенкинс веќе неколу месеци е дел од Пелистер, максимално адаптиран во новата средина, подготвен да го прикаже најдоброто од себе токму во завршницата од оваа сезона.
„Разочарани сме од исходот на последните средби, особено бидејќи во долги периоди и на двете средби имавме водство и контрола над играта, но скапо плативме за падот во последната четвртина. Тоа нека биде лекција за неделниот меч со Кожув, секако дека можеме до триумф, но најважно ќе биде да одиграме добри 40 минути и да не ни се случуваат преголеми осцилации. Го почитуваме противникот кој е квалитетен, но искрено верувам дека се ќе зависи од нашето издание, како во нападот, така и во одбраната“, вели Брендан Џенкинс во пресрет на неделниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

