Џенова се подготвува да испрати официјална понуда за Бојан Миовски, но за тоа да се случи поранешниот клуб на Горан Пандев најпрвин ќе мора да продаде еден од своите клучни играчи.
Главниот напаѓач од ланската сезона, Марио Ретегуи, е пред трансфер во Аталанта откако клубот од Бергамо влезе во завршна фаза од преговорите со Џенова за ангажман на овој италијански репрезентативец. Аталанта е во потрага по нов голгетер по тешката повреда на коленото на Скамака (пауза од најмалку шест месеци), а Ретегуи е прв пик на тренерот Гасперини. Понудата од вкупно 25 милиони евра (22 милиони загарантирани, уште три поврзани со неколку клаузули) е веќе испратена и според италијанските медиуми се очекува голгетерот наскоро да добие зелено светло да замине на лекарски прегледи и потпис во Бергамо.
Од Џенова најавија дека во наредните денови ќе биде испратена официјална понуда до Абердин за Миовски, се очекува истата да изнесува вкупно пет милиони евра, а по најновиот развој на настаните Македонецот би требало да биде прва опција во нападот на Џенова во следната сезона, особено ако се знае дека и Гудмундсон се наоѓа на излезна врата и е пред потпис со Фиорентина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА