Горан Пандев една и пол сезона не добиваше шанса каква што заслужува во Џенова, за по доаѓањето на Балардини македонскиот ас да блесне во вистинско светло. Серијата клучни погодоци, заедно со оној на последниот натпревар со Интер, придонесе македонскиот голгетер не само да го „зациментира“ своето место во првиот тим, туку и ги натера челниците на Џенова да му понудат нов договор.
Актуелниот договор на Пандев со овој клуб истекува на крајот од сезонава, но раководството на Џенова е подготвено да седне на маса и да му понуди на Македонецот да остане до крајот на својата кариера.
„Кога имате играч како Горан Пандев во тимот, треба да сторите се за да го задржите. Тој може да остане овде колку што сака, наскоро ќе седнеме на маса и верувам дека ќе се договориме“ – изјави директорот на Џенова, Џорџо Перинети.
Пандев сезонава постигна три погодоци за Џенова во Серија А, од кои два во дуелите во изминатиот месец против неговите поранешни клубови Лацио и Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА