Првиот пораз на Арсенал во новата сезона, на гостувањето против Стоук, беше повод за нови критики на адреса на Месут Озил, по уште едно потпросечно издание на поранешниот фудбалер на Реал Мадрид во дресот на „топчиите“. Најгласен во критиките кон Озил беше екскапитенот на Ливерпул, Стивен Џерард, кој посочи дека Германецот прераснува во слаба точка во тимот на Арсенал што противниците настојуваат да ја искористат.
„Сите знаеме колку може да биде добар кога е во ритам, но сега гледаме и колкав проблем е за тимот кога не е на посакуваното ниво. Арсен Венгер мора да прифати дека има проблем – игра со фудбалер помалку кога Арсенал ја нема топката кај себе. Озил сака да ја има топката кај себе, да организира, но кога тоа не е случај, тој не е заинтересиран за играта. Забележете му го говорот на телото, тој не прави буквално ништо кога ќе ја загуби топката… затоа Арсенал ќе има огромни проблеми, особено на гостувањата на кои противниците не играат целосна дефанзива против нив. Арсенал има слаба точка во тимот – таа се вика Месут Озил“ – изјави Џерард.
На критиките на легендата на Ливерпул се надоврза и поранешниот фудбалер на Арсенал, Мартин Кион.
„Ги имавме Бергкамп, Анри и Виеира, кои беа вистински ѕвезди, даваа се за тимот од првата до последната минута. Арсенал не може да си дозволи да го влече со себе, очигледно е колкави проблеми создава со својата неактивност во играта во одбрана“ – посочи поранешниот дефанзивец на „топчиите“.
Озил има само уште една година од актуелниот договор со Арсенал, па иако се најавуваше дека деталите за продолжување на соработката се средени сепак нов договор се уште не е потпишан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА