Елитните клубови од Саудиска Арабија трошат многу пари на звучни засилувања за наредната сезона, еден од нив е Ал Етифак, тимот за кој настапува Дарко Велковски, кој за нов тренер го именуваше Стивен Џерард, по што се почна со преговори за ангажман на неколку нови фудбалери.
Тоа негативно се одрази врз статусот на Велковски, кој беше стандарден првотимец во текот на минатата сезона. Македонскиот дефанзивец е дел од подготовките на тимот во тренинг-кампот во Словенија, но последните информации велат дека Џерард не го планира Велковски во својот ростер за наредната сезона. Неофицијално, на нашиот интернационалец му е дадено до знаење дека подобро ќе биде да си најде нов ангажман, па може да се очекува во следниот период тој да се врати назад во Европа.
За потсетување, Велковски се пресели во Ал Етифак како слободен играч од редовите на Ријека, избирајќи ја Саудиска Арабија за следна дестинација во кариерата иако имаше неколку интересни понуди од Германија, Шпанија и од Грција.
Ал Етифак ќе го комплетира трансферот на капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, во завршна фаза се и преговорите со голгетерот Муса Дембеле, по што погледите ќе бидат насочени кон ангажман на нов централен дефанзивец кој би го заменил Велковски во стартниот тим на оваа екипа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА