Џерард неславно ја заврши авантурата во Саудиска Арабија

Стивен Џерард неславно ќе заврши уште една епизода во својата тренерска кариера откако англиската фудбалска легенда реши да си замине од кормилото на Ал Етифак.

Екс-фудбалерот на Ливерпул се пресели во Саудиска Арабија во 2023 година како предводник на овој клуб, свесен дека со буџетот и амбициите заостанува сериозно зад Ал Хилал, Ал Наср, Ал Ахли и Ал Итихад. Џерард сепак го прифати предизвикот, но како што одминуваше времето така растеше и незадоволството од неговата работа.

Англичанецот успеа да преживее по најавите за смена што беа гласни пред неколку месеци, но откако Ал Етифак падна на 12. место на табелата со само две победи на последните 14 средби, Џерард реши самиот да го напушти кормилото.

За официјализација се чека само потврда околу тоа колкава отпремнина ќе добие англискиот стратег при заминувањето, но веќе е јасно дека тој во следните десетина дена сигурно ќе се врати назад во татковината.

Џерард имаше одлични три сезони во шкотската Премиер-лига, како стратег на Глазгов Ренџерс успевајќи да ја прекине доминацијата на Селтик. Следеше преселба во Астон Вила каде тој не издржа ниту 12 месеци, за сега да не се прослави ниту во Ал Етифак…

Се вчитува...