Стивен Џерард денеска и официјално го потпиша договорот како нов тренер на Ал Етифак во Саудиска Арабија, откако англискиот фудбалски великан добил не само зголемена понуда за плата за себе, туку и значително зголемен буџет за засилувања за овој преоден рок.
Ал Етифак е тим што нема преголемо ѕвезди во своите редови, за оваа екипа настапува македонскиот репрезентативец Дарко Велковски, но според информациите од Англија, Џерард е решен да донесе најмалку три-четири фудбалери од елитните европски лиги. Приоритет ќе биде ангажманот на нов голгетер, при што на врвот на листата со желби се наоѓа Пјер Емерик Обамејанг. Челси бара начин да се ослободи од овој фудбалер, опцијата за преселба во Барселона пропадна, а Џерард е оптимист дека ќе успее да го убеди екс-капитенот на Арсенал да му се придружи во Саудиска Арабија.
Доколку оваа опција пропадне, план Б на новиот тренер на Ал Етифак е фудбалерот на Атлетико Мадрид, Алваро Мората.
Џерард исто така го посакува и Вилфред Заха, за кого подготвува мегапонуда бидејќи крилниот офанзивец е слободен играч по истекот на договорот со Кристал Палас. Меѓу желбите на новиот тренер се наоѓа и актуелниот капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, кој би можел да си замине од „Енфилд“ по засилувањата за средниот ред што Јирген Клоп ги донесе на почетокот од овој преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

