Александар Џикиќ повторно го најде лекот за Црвена звезда, па по двете победи во регуларниот дел од сезоната поранешниот македонски селектор со Будуќност поведе и со 1-0 во финалната серија од АБА-лигата против бранителот на трофејот. Победата во Белград е од огромно значење за самодовербата, но Џикиќ предупредува дека не смее да дојде до еуфорија бидејќи веќе утре на програмата е вториот натпревар.
„Ова е само почеток на серијата, одлично е што победивме и ја презедовме предноста на домашниот терен, но нема никаква гаранција дека ќе успееме да славиме на двете средби во Подгорица. Одигравме одличен меч, не се согласувам дека Црвена звезда одигра лошо, едноставно ние бевме на висина на задачата во клучните моменти. Најтешко од се ќе ми биде да не дозволам еуфорија, бидејќи е логично моите играчи да слават по една ваква одлична победа“ – изјави Џикиќ.
Многу простор за промени во тактиката нема, а притисокот дефинитивно целосно ќе падне врз „црвено-белите“.
„Сега ќе се види кој е поголем фраер. Црвена звезда ќе мора да победи, ќе биде бодрена од 7.000 навивачи, а ние ќе сториме се за повторно да ги замрсиме сметките. Тие сигурно ќе најдат 101 позитивна и исто толку негативни работи, но не станува збор за она што ќе го увидиш, туку за она што за кратко време можеш да го промениш во својот тим. Јас знам дека ние можеме да играме многу подобро, истото важи и за Црвена звезда, затоа утрешниот втор меч ќе биде многу интересен“ – порачува Александар Џикиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА