Албанија не успеа да приреди сензација на својот прв меч на ЕВРО 2024 откако во драматичен дуел Албанците загубија од европскиот првак Италија со 1-2. Стартот беше како од соништата, со водство по само 23 секунди игра, но следеше пад на концентрацијата во одбраната по што Италијанците се вратија, направија целосен пресврт и стигнаа до победата.
„Не одигравме онака како што знаеме, има многу работи што можеме да ги подобриме, пред се околу оставањето на простор на противникот да влезе во нашиот шеснаесетник. Примивме два гола во најлош момент и му дозволивме на противникот експресно да се врати, но сето тоа е дел од искуството да се биде дел од ваквите големи натпреварувања. Никогаш не е лесно кога играте против вакви големи репрезентации, но ме радува што не се откажавме до самиот крај, се боревме, но за жал не успеавме да стигнеме и до втор погодок“, изјави Џимшити, кој настапува за калчолигашот Аталанта.
Тој не го криеше воодушевувањето од атмосферата што ја создадоа албанските навивачи на стадионот во Дортмунд.
„Албанците се најдобрите навивачи во светот, искрено го мислам тоа. Сакам да им се заблагодарам на Албанците од целиот кои дојдоа овде и се собраа во Дортмунд, направија извонредна атмосфера… Тие ни се извонредна мотивација, да направиме барем едно изненадување на следните две средби од групната фаза“, истакна Берат Џимшити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА