Струга направи џиновски чекор кон пласман во плејофот од ракометниот шампионат откако во директната пресметка за третото место во групата стружани славеа на гостувањето во Скопје против КЛ7 со резултат 23-28. Голманот Јовановски диригираше со одличната одбрана на Струга што во првото полувреме му дозволи на домашниот состав само осум погодоци (8-13). КЛ7 заигра нешто подобро во вториот дел, отвори со два брзи гола од пивот, но гостите беа решени да не дозволат камбек. Последната шанса младиот домашен состав ја пропушти на пет минути до крајот, кога со двајца играчи повеќе од контранапад не успеаја да го совладаат одличниот Јовановски, кој беше најзаслужен за оваа победа.
Струга сега се наоѓа на третото место на табелата, со три бода повеќе, но и два меча помалку во однос на КЛ7, со што овој клуб е многу блиску до пласман во плејофот. Најефикасни во големиот триумф во Скопје беа Рајатовски со осум и Илиевски со шест погодоци.
Ракометарите на Охрид останаа со перфектен скор во оваа група триумфирајќи на пресметката со Пролет со 24-19. Слично како и на дуелот во Скопје пред петнаесетина дена, охриѓани повторно дојдоа до триумф благодарение на одличното второ полувреме во кое го скршија отпорот на гостинскиот состав. На одмор се замина со израмнети 12-12, но Пролет во вторите 30 минути постигна само седум гола, премалку за да може да се надева на триумф против квалитетен ривал како што е Охрид.
Тот беше прв стрелец кај победничкиот тим со седум гола, шест постигна Кривокапиќ, додека Палевски ги предводеше стрелците на Пролет со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА