ЏИО Струмица на чекор до заверување на перфектната сезона

Одбојкарите на ЏИО Струмица се наоѓаат на прагот до освојување на осмата титула во македонското првенство откако во првиот финален меч струмичани славеа на гостувањето против Универзитет во Тетово со 2-3 (25-20, 16-25, 25-22, 19-25, 12-15).

Домаќините подобро ја започнаа средбата и го добија првиот сет со 25-20, но гостите веќе во вториот сет ја покажаа својата доминација, славејќи со убедливи 25-16. Неизвесниот трет сет повторно им припадна на тетовци, а за одлучувачки, петти сет повторно се погрижија гостите кои четвртиот сет го добија со 25-19, а потоа со 15-12 стигнаа до голем триумф.

Симовски беше убедливо најдобриот поентер на денешната средба со 34 поени за домаќините, додека него го следеше Мирковиќ со 14. Милев ги предводеше гостите со 18 поени, додека него го следеше Урдов со еден поен помалку.

ЏИО Струмица првата меч топка ја има веќе во вторник на домашен терен, натпревар кој е закажан со почеток од 19 часот, од кој ќе има и директен пренос на МРТ3.

Се вчитува...