Џирона даде попуст: Миовски е на пат кон Глазгов Ренџерс

Бојан Миовски е на пат да го засили тимот на Глазгов Ренџерс по најновиот напредок во преговорите со Џирона за трансферот на македонскиот голгетер. Глазгов Ренџерс беше елиминиран со уште еден убедлив пораз од Бриж во квалификациите за ЛШ, недостигот на врвен голгетер повторно беше очигледен, а челниците на клубот се решени да доведат нов напаѓач до крајот на преодниот рок.

Миовски уште пред десетина дена стави до знаење дека би сакал да се врати назад во Шкотска, потенцирајќи дека Ренџерс би имал предност во преговорите со него во однос на актуелниот првак Селтик. Ренџерси се обидуваа да договорат позајмица од Џирона, но и тие планови беа нарушени откако Македонецот јасно стави до знаење дека нема намера следното лето да се врати назад во Шпанија, па доколку новиот клуб сака да го доведе на позајмица, тоа мора да биде со клаузула за задолжителен откуп во 2026 година.

Шпанците дефинитивно не сметаат сериозно на нашиот голгетер, а во ситуација кога стартуваа катастрофално во новата сезона сега инсистираат на продажба на Миовски до крајот на преодниот рок, пооради што дале и попуст во преговорите. Свесни дека оние 9 милиони евра што ги платија минатото лето не можат да ги вратат, челниците на Џирона се подготвени да преговараат и за сума од околу четири милиони евра, што е прифатлива и за Глазгов ренџерс во овие преговори.

Миовски е на добар пат да ги договори личните услови за четиригодишен договор со Глазгов Ренџерс, па се очекува нашиот репрезентативец во следните 48 часа да го комплетира трансферот од соништата на „Ајброкс“.

Се вчитува...